COVID 19 и пазарот на трудот

Институтот ПРЕСПА спроведе длабинско истражување за влијанието на КОВИД-19 врз работните односи во рамките на проектот „Зголемување на продуктивноста преку подобрување на правната рамка за работните односи во Северна Македонија“ на Македонскиот Хелсиншки комитет. Истражувањето опфати и канцелариско и теренско истражување, како и квалитативно и квантитативно истражување наменето да ги утврди последиците од коронавирусот на пазарот на трудот. Истражувачкото прашање на кое нашиот тим се обиде да одговори е следното: „Како здравствената криза влијаеше на пазарот на трудот и како може да се промени законодавството за да се направи пазарот на труд поотпорен и подготвен за економската криза што следува?

Анализата ги опфати сите мерки на Владата на Република Северна Македонија донесени за справување со пандемијата. Потоа, соодветното национално законодавство за работни односи и заштита на јавното здравје, но и меѓународната регулатива и стандарди, кои произлегуваат од Меѓународната организација на трудот и Европската унија. Анализата го разгледа искуството на Европската унија и земјите од поранешна Југославија: Хрватска, Црна Гора, Словенија, Босна и Херцеговина, Србија и Косово. Конечно, процесот ги согледа ставовите на три групи засегнати страни: јавни службеници, работници и работодавачи, преку квалитативно истражување, како и анализа на ставовите и перцепциите на граѓаните во однос на пандемијата и начинот на справување со неа, обезбедени преку квантитативно истражување.

На крајот, преку објавената Студија за политики беа извлечени заклучоци и дадени препораки насочени кон анализираните сегменти и за справување со пандемијата, кои би можеле да придонесат за подобрување на состојбата на пазарот на трудот и намалување на негативните ефекти од пандемијата во наредниот период.