Tим

Тимот на ПРЕСПА Институт е составен од група убедени Европејци кои сите заедно имаат повеќе од половина век искуство во меѓународни работи и надворешна политика, европски прашања и европеизација, развој на јавна политика, истражување, мониторинг и застапување, обука и градење на капацитети, комуникации, финансиско и проектно менџирање, како и развој на граѓанското општество

Андреја Стојковски

Андреја Стојковски е извршен директор на Институтот ПРЕСПА.

Завршил додипломски студии на Правниот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, а како стипендијант на Агенцијата за меѓународна соработка и развој на Кралството Шпанија магистрирал право на Европската Унија на Универзитетот Карлос III во Мадрид.

Андреја има дваесетгодишно работно искуство во институциите, како национален правен експерт на повеќе проекти во областа заштита на животната средина, во високото образование, како и во граѓанскиот сектор. По завршувањето на студиите, започнал со работа во Одделението за европски интеграции, при Генералниот секретаријат на Владата, каде бил задолжен за областа правда и внатрешни работи, а работел и на хармонизација на законодавството и подготовката на Првата национална програма за приближување на законодавството. Од октомври 2006 до август 2018 година бил дел од граѓанското општество, активно застапувајќи се за европеизација на општеството и пристапување во Европската Унија. Учествувал активно во повеќе формални консултативни процеси на државите-членки на Европската Унија, како и на Европската комисија. Го координирал подрачјето за контрола врз полицијата и агенциите за безбедност и (контра)разузнавање од предлогот за итни реформски приоритети на Блупринт групата, а бил избран и за конститутивен член на Советот за соработка со и развој на граѓанското општество на Владата на Република Северна Македонија. Во периодот од 2009 до 2015 бил асистент и предавач на Универзитетот американски колеџ Скопје, додека во периодот на објаснувачкиот скрининг, бил дел од Преговарачкиот тим за пристапување во Европската Унија како заменик на главниот технички преговарач.

Како дел од граѓанското општество учествувал во повеќе процеси, а ја претставувал државата во истражувачки проекти и конференции.

Андреја е еден од основачите на Институтот ПРЕСПА, а од декември 2019 година е извршен директор на институтот.

Јована Петковска

Соработници на Институт ПРЕСПА

Диана Жупаноска

Диана Жупаноска е надворешна соработничка и постара истражувачка во Институтот ПРЕСПА.

Завршила додипломски студии на Правниот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, а потоа и магистерски студии по право на Европската Унија на Институтот Европа при Универзитетот во Зарланд. Во 2012 година го положила и правосудниот испит.

Диана има повеќе од десет години професионално искуство во правосудството и во граѓанскиот сектор, а стекнала и значително истражувачко искуство преку учеството во повеќе проекти во областите реформа на јавната администрација, темелни права и демократизација.

Во периодот од ноември 2019 до август 2020 година, Диана беше претседателка на Управниот одбор на Институт ПРЕСПА.

Диана е надворешна соработничка и постара истражувачка во Институт ПРЕСПА од август 2020 година.

Горан Лазаров

Горан Лазаров е надворешен соработник и постар истражувач во Институтот ПРЕСПА.

Завршил додипломски студии на Правниот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, а запишал и постдипломски студии по деловно право на истиот универзитет.

Горан има седум годишно работно искуство во проектна координација и имплементација. Во рамките на својата работа Горан особено бил активен во истражувања на јавното мислење и истражувања во општествени науки, како и мониторинг и евалуација на јавни политики и анализа на податоци.

Горан е надворешен соработник и постар истражувач во Институтот ПРЕСПА од април 2020 година.

Мартин Нацевски

Мартин Нацевски е надворешен соработник-истражувач на Институтот ПРЕСПА.

Дипломирал на Универзитетот ФОН во Скопје, а потоа како дел од меѓународна програма за двојна диплома на Правниот факултет „Јустинијан први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Универзитетот во Стразбур магистрирал право на интелектуална сопственост. Во 2020 година го положил правосудниот испит.

Мартин  во моментов е ангажиран на проект на Програмата за развој на ООН и Регионалниот совет за соработка, во рамките на Берлинскиот процес посветен на поглавјето 24 – Слобода, безбедност и правда. Тој има повеќегодишно професионално искуство од проекти и истражувања поврзани со имплементацијата на правото на Европската Унија во Северна Македонија во областите на социјалната политика и вработувањето, како и правосудство и темелни права. Во периодот од една година, од октомври 2016, остварил студиско-работен престој во Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската Унија (EUIPO) во Аликанте, Шпанија. По основањето, во период од 10 месеци, почнувајќи од март 2019, бил ангажиран во проектната единица во Канцеларијата на главниот технички преговарач за пристапување во Европската Унија.

Мартин е еден од основачите на Институтот ПРЕСПА, а бил избран и за прв претседавач на Собранието на Институтот.

Лепосава Огњаноска

Лепосава Огњаноска е надворешна соработничка и постара истражувачка во Институтот ПРЕСПА.

Таа е докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што дипломирала, а во 2016 година го одбранила магистерскиот труд на тема од поглавјето 23 и проширувањето.

Лепосава има професионално работно искуство од повеќе од 6 години. Има работено на повеќе меѓународни проекти во тинк-тенк организации поврзани со демократското управување и владеењето на правото. Во 2016 година била ангажирана како млад истражувач во рамките на TRAIN програмата спроведена од Германскиот совет за надворешни односи од Берлин. Таа има положено правосуден испит, како и значително искуство во областа на правосудството стекнато во јавнообвинителската служба во државата на предмети од организиран криминал и висока корупција.

Нејзино поле на истражувачки интерес е продлабочувањето и прелевањето на процесот на европска интеграција и заштитата на владеењето на правото во тој контекст, правосудството како област од поглавјето 23 од aquis-от на Унијата, политиката на проширување и особено политиката на условеност,  европеизацијата и трансформативната моќ на Унијата.

Лепосава е надворешна соработничка и постара истражувачка во Институт ПРЕСПА од декември 2020 година.

Огнен Вангелов

Огнен Вангелов е надворешен соработник и постар истражувач во Институтот ПРЕСПА.

Завршил дипломски студии на Филолошкиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, а магистрирал на Универзитетот во Денвер во САД, како стипендист на американската влада преку програмата Рон Браун. Докторирал на Квинс универзитетот во Канада во областа на политичките науки како стипендист на канадската влада преку програмата Онтарио Трилиум и програмата Вание за постдипломски студии.

Тој има околу 15 години работно искуство во образованието и научно-истражувачката работа, како и искуство од тинк-тенк организации. Има учествувано на повеќе меѓународни научни конференции и има објавувано научни трудови во меѓународни научни списанија како и во меѓународни списанија за поширока професионална публика како Foreign Affairs. Во моментот предава предмети од областа на политичките науки на Универзитетот Американски колеџ во Скопје, а истовремено е и дел од повеќе меѓународни истражувачки проекти при Центарот за демократија и разновидност на Квинс универзитетот во Канада.

Неговите истражувачки интереси се во областите компаративна политика, демократизација и национализам.

Огнен е надворешен соработник и постар истражувач во Институтот ПРЕСПА од декември 2020 година.

Ивана Јордановска

Ивана Јордановска е надворешна соработничка и постара истражувачка во Институтот ПРЕСПА.

Завршила дипломски студии по политички науки со специјализација во областа трансатлантски односи од Институтот за политички науки во Парис (Sciences Po), а потоа магистрирала надворешни односи на Универзитетот на Њујорк каде била стипендијант на програмата Фулбрајт.

Нејзиното професионално искуство вклучува работа за Вестминстер фондацијата за демократија и Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина, каде што работела на темите парламентарен надзор и справување и спречување на насилниот екстремизам. Во периодот 2017-2018 Ивана била советник за соработка со меѓународни организации на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија.

Нејзините истражувачки интереси вклучуваат трансатлантски односи, демократизација, соработка помеѓу авторитарни режими и родова еднаквост.

Ивана е надворешна соработничка и постара истражувачка во Институт ПРЕСПА од декември 2020 година.